Драги наши, мај во КСП Центар – Јадро го отвораме со програма што ја истражува сегашноста како слоевит простор на сеќавања, траги и можни иднини. Од уметничко-еколошки истражувања и колективни практики на создавање, преку читање и дискусии за човечката природа и заедништвото, до разговори за историја, наследство и современи уметнички практики – месецов носи програма што нè повикува да размислуваме, да учествуваме и да се поврзуваме.
Започнуваме со изложбата „Археологија на сегашноста“ на Ана Тодоровска проект што преку отпадот како материјал отвора прашања за нашето време и траговите што ги оставаме зад себе, заокружен со работилница што ја продолжува оваа приказна низ заедничко создавање.
Продолжуваме со читачката средба за книгата „Humankind: A Hopeful History“ од Rutger Bregman, која нè поттикнува да ја преиспитаме идејата за човековата природа и да размислуваме за можностите за солидарност и соработка.
Во текот на месецот ќе се одржи и дискусија во рамки на школата за курирање на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, како и промоцијата на монографијата „Историја на Галичник“ од Дамјан Бужаровски – настан што нè води низ богатите историски слоеви на едно значајно културно наследство.
Во втората половина на мај, во соработка со Проектен простор Прес ту Егзит, ќе биде отворена изложбата „Под истото небо, сами, а сепак насекаде“ на Julia Lusser, која преку материјалноста и кревкоста на секојдневието отвора прашања за изолацијата, поврзаноста и просторот што го делиме.
Месецот го заокружуваме со промоција и дискусија за антологијата „Contemporary Art in the Post-Yugoslav Space: Case Studies in Hauntology“, уредена од Jon Blackwood и Jasmina Tumbas, која нуди нови читања на југословенското наследство и неговите одгласи во денешниот контекст.
Прочитајте повеќе за секој настан и придружете ни се!
Во изминатите шест години заедничка работа, низ практично искуство научивме важни лекции. Врз основа на тие искуства ги формулиравме следните шест правила за користење на просторот, со цел тој да остане функционален, безбеден и пријатен за сите.
Ве молиме почитувајте ги правилата, КСП Центар - Јадро е простор кој ни припаѓа на сите!
💡 Закажување на настани
Поради големиот број на барања, ве молиме закажувањето на настани да го правите најмалку два месеци однапред.
🕐 Работно време и достапност на тимот
Нашиот мал тим работи и е достапен за помош само во работни денови.
🧹 Чистење и одржување
Ако сакате просторот да биде дополнително исчистен пред или по настанот, ве молиме предвидете буџет за тоа.
Ние во рамки на нашиот буџет имаме три редовни чистења месечно, што не секогаш е доволно поради бројните настани и посетители.
🎛️ Техника и опрема Бидете внимателни при користењето на техниката, ѕидовите и опремата. Во случај на оштетување, очекуваме рефундација на направената штета.
📦 Забрането оставање на дела/реквизити/техника и останати материјали
Доколку делата или предметите од изложби/настани не се соберат во договореното време, КСП Центар – Јадро го задржува правото да ги отстрани, рециклира или донира.
🏠 Грижете се за просторот Ве молиме, користете го просторот како свој: – соберете го нередот по настанот, – не оставајте храна во фрижидерот, – чашите што ги користите измијте ги или ставете ги во машината за миење.
Под истото небо, сами, а сепак насекаде
Самостојна изложба на Јулија Лусер (Австрија)
Отворање: 18 мај 2026 (понеделник) | 19:00
Изложбата е отворена за посетители секој работен ден од 18 до 22 мај од 10.00 до 15.00 часот или со претходно закажување на [email protected].
Изложбата на Јулија Лусер произлегува од нејзиниот истражувачки престој во Скопје во рамки на програмата St.A.i.R. Во новите дела, состојбите на изолација се трансформираат во материјални форми. Секојдневието станува примарен ресурс: пронајдени и отфрлени фрагменти — особено пластика — се слоевито обработени, сечени и делумно фиксирани, задржувајќи траги од претходната функција.
Материјалите се движат помеѓу присуство и распаѓање, а делата остануваат намерно нестабилни, отсликувајќи состојби помеѓу задржување и распад. Небото се појавува како повторлив мотив — заедничко, но никогаш идентично — отворајќи прашања за поврзаност, слобода и осаменост.
Јулија Лусер е визуелна уметница со седиште во Грац. Работи со керамика, гипс, бетон, восок и пронајдени материјали, истражувајќи материјалност, ранливост и општествени структури.
Организација и поддршка:
Прес ту Егзит (Скопје) е организатор. Министерството за култура на регионот Стирија (Австрија) е иницијатор и финансиер преку St.A.i.R. 2026.
.mk
👉Промоција на монографијата „Историја на Галичник“ од Дамјан Бужаровски
Во петок 15 мај, 2026 година со почеток во 20 часот, во КСП „ Центар - Јадро“ ќе се одржи промоција на тукушто излезеното издание на монографијата „Историја на Галичник“ од Дамјан Бужаровски.
Монографијата ја издаде Темплум, а графичкото уредување беше на авторот. На настанот ќе говорат рецензентите: проф. д-р Димитрије Бужаровски м-р Владимир Таневски, а ќе биде прикажано и кратко видео кое ќе се движи низ страниците од монографијата покрепено со аудио од изворна музика од регионот.
Монографијата на 347 страни започнува со географските податоци за Галичник и регионот, за потоа да го обработи потеклото на Мијаците, и да премине на формирањето на Галичник во предосманлискиот период. Следуваат делови кои го прикажуваат Галичник во османлискиот период преку прегледи на податоците од турските дефтери. Посебно детално се обработени XIX и XX век до 1945 година, со голем број податоци за животот, економијата, занимањата, трговијата, учеството на галичаните во војните од овој период итн. Не помалку интересни се и прилозите за арамиството во истиот период, мијачкиот дијалект и таен јазик, биографиите на илинденци, членови на МРО од Галичник и учеството во НОБ. Во бројните прилози е и списокот на галичките презимиња, како и речникот на турцизми, архаизми и помалку познати зборови. Се' на се' една извонредно богата монографија со редок библиографски и фотографски материјал. "
Дамјан Бужаровски работи во архивското одделение на Народна банка на РСМ, има магистрирано на Економскиот факултет (монетарна економија) и Филозофскиот факултет (историја), каде во моментов е на докторски студии.
//English in comments//
🌱 Во рамки на „Курирање во контекст“ 5, Локомотива ве поканува на „Доближувања“ — јавна дискусија што отвора простор за разговор меѓу уметници, научници и активисти за односот меѓу човекот, природата, биосферата, екстрактивизмот и климатските предизвици со кои се соочуваме.
🌱 На сесијата ќе учествуваат Ана Алексовска, Еди Фрцовски, Наталија Меловска и Анкица Соколиќ, преку презентации што ги поврзуваат документарниот филм, екологијата, биодиверзитетот, климатската правда и заедничкото дејствување.
📍 КСП Центар-Јадро
🗓 12.05.2026
🕕 18:00
Влезот е слободен.
Повеќе информации на .mk
Благодарни сме на КСП Центар -Јадро / SCS Centar-Jadro за поддршката и за тоа што ја овозможи реализацијата на дискусијата во својот простор.
Меѓународната школа „Курирање во контекст“ 2026 година е поддржана од проектот „Democracy in Action“ финансиран од Европската Унија во рамки на HORIZON-CL2-2024-DEMOCRACY-02; проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд; Фондацијата Хајнрих Бол; Универзитетот за уметности во Брауншвајг; zukunft.niedersachsen; Performance Situation Room / проект LLB 3 финансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија; Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.
#Локомотива #CuratinginContext #FuturingNewWorlds
#CHinMK #culturefordevelopment #heartefact
#HeinrichBollSchtifftung
#LLB #CreativeEurope
@heartefact_@heartefact_mkd@hbs_sarajevo@hbk.braunschweig@lifelongburning@creative.eu@bljace@korowinelena
Форум за културна мобилност во КСП Центар - Јадро
📣Презентации и дебата: „Држејќи ја линијата: Практики, структури и солидарност во визуелните уметности“
30.04 (четврток) | 11:00ч.
Секоја година On the Move организира Форум за културна мобилност, платформа за заедничко истражување на трендовите во меѓународната уметничка и културна мобилност. Преку соработка со членови и партнери, Форумот нуди тематски панел-дискусии што ги контекстуализираат глобалните предизвици поврзани со мобилноста. За ова издание, On the Move соработува со Kooperativa – Regional Platform for Culture, мрежа посветена на независната култура и современата уметност во Југоисточна Европа.
Фокус 2026: Правда во културната мобилност
Овој фокус ги преиспитува системските нееднаквости што одредуваат кој може да се движи, создава и учествува во глобалниот културен пејзаж. Визите, економските разлики и долготрајните колонијални, ableist и патријархални структури значително ја ограничуваат мобилноста, особено за маргинализирани уметници и културни работници, лица со несигурни услови за работа, семејни обврски или ограничувања, како и оние од невeстерн контексти.
Пристапот кон правдата во мобилноста се залага за еднаков пристап до ресурси – визи, финансирање, информации и професионални (вклучително и дигитални) можности – и за засилување на гласовите на најпогодените. Тој повикува на нови модели на курирање, културна размена и демонтирање на институционалните бариери, со цел мобилноста да стане право, а не привилегија.
Форумот во 2026 ќе ги анализира овие нееднаквости и нивното влијание врз културниот сектор.
📍30.04 во 11:00 | Презентации и дебата: „Држејќи ја линијата: Практики, структури и солидарност во визуелните уметности“
Програмата ги истакнува практиките на солидарност, меѓусебна поддршка и самоорганизирање во скопската визуелна сцена. Со посета на Социјален центар Дуња и КСП Центар Јадро, учесниците ќе истражуваат како неформалните мрежи и иницијативи ја одржуваат уметничката пракса во услови на локални предизвици. Средбите со уметници од различни генерации нудат увид во сцена што се адаптира и се развива преку колективно дејствување.
Читачки средба за „Humankind: A Hopeful History“ од Rutger Bregman
5 мај (вторник) | 15:30 часот
На оваа средба ја читаме „Humankind: A Hopeful History“ од Rutger Bregman која е објавена во 2019 година. Во неа, Брегман ја предизвикува широко прифатената претпоставка дека луѓето по природа се себични и насилни, нудејќи алтернативна перспектива според која човечката природа е суштински кооперативна и склона кон добрина. Преку анализа на историски настани, психолошки експерименти и антрополошки истражувања, авторот ги преиспитува доминантните наративи за човечкото однесување – од познати студии како затворскиот експеримент во Стенфорд, до реални примери на солидарност во кризни ситуации. Книгата предлага дека вербата во добрината на луѓето не е наивна, туку може да биде основа за поинакви, поправедни и посолидарни општествени односи, што ја прави особено релевантна за нашата програмска тема.
Rutger Bregman е холандски историчар и писател, познат по своите интердисциплинарни истражувања на теми како историја, економија и социјална политика. Неговите книги, меѓу кои и „Utopia for Realists“, се преведени на повеќе од 40 јазици и имаат значително влијание во јавните дебати за иднината на општеството. Брегман е препознатлив по својот ангажман во промоција на идеи како универзален основен приход, скратено работно време и редефинирање на концептите за успех и напредок.
Средбата е отворена за сите заинтересирани, без разлика дали книгата сте ја прочитале целосно, делумно или допрва сакате да се вклучите во дискусијата.
Оваа иницијатива се реализира во партнерство со Фондација Фридрих Еберт Скопје.
П.С. Ова е добра можност за да потсетиме за нашата бесплатна библиотека во која се содржани книги од претходните сезони на клубот, а сите заинтересирани можат бесплатно да ги изнајмат кај нас. Линк во био.
🗓 На 18 април 2026, во 📍Центар Јадро | @centarjadro , се одржа третиот собир на филмскиот и книжевен клуб „Пат кон Истокот“, во организација на Пагода и Друштвото за македонско-јапонско пријателство и соработка.
📖 Овојпат фокусот беше на романот „The Three-Body Problem“ од Liu Cixin – првиот дел од трилогијата „Remembrance of Earth’s Past“, дело што остави силен печат во современата научна фантастика.
🎬 Разговорот го проширивме и кон двете телевизиски адаптации – кинеската серија Three-Body (2023) и американската 3 Body Problem (2024), при што се отворија интересни и динамични дискусии за различните пристапи, наративи и културни перспективи.🇨🇳
🎙 Огромна благодарност до нашиот домаќин и водич низ темите беше проф. д-р. Игор Радев, како и до сите што ја прочитаа книгата, ги проследија сериите и беа дел од живата дискусија. Токму вашето учество ја направи средбата толку инспиративна.
🏠 Голема благодарност и до Центар Јадро што ни овозможи простор за овој собир.
🗓 Следниот собир е планиран за јули, а околу изборот на следната книга ќе се договараме во нашиот Instagram групен чат. Доколку сакате да бидете додадени, слободно пишете ни во порака.
ℹ️ За сите идни активности и најави, следете нè на социјалните мрежи.
👥 Клубот е отворен за сите љубители на источноазиската книжевност и филм, присуството е добредојдено и без претходна подготовка, иако се препорачува за подлабока дискусија. Учеството е бесплатно, а донациите се секогаш добредојдени.
#pagoda #threebodyproblem #chinesebook #filmclub #bookclub
ПОКАНА ЗА ИЗЛОЖБА: 04 МАЈ | 20.00 | КСП ЦЕНТАР - ЈАДРО @centarjadro
„Археологија на сегашноста“ е истражувачки уметнички и еколошки проект што во својот центар го поставува прашањето: Што ќе откријат идните генерации кога ќе копаат низ остатоците од нашето време?
Во периодот јули–октомври 2025, беа посетени 15 локации низ Македонија кои претставуваат значајно културно и природно наследство. Од овие места беа собрани парчиња отпад, често игнорирани или невидливи за посетителите, кои станаа основен материјал за изработка на скулптуроидни асемблажи. Секое дело ја раскажува приказната за локацијата од која потекнува, откривајќи ги нејзините еколошки, социјални и историски слоеви.
Секој „артефакт на сегашноста“ бара од вас да размислите: Што кажува ова за нас? Какво наследство оставаме зад себе? Преку делата, имате можност да ја дознаете приказната за местото на кое се собрани материјалите (од антички населби до национални паркови и речни крајбрежјa), како и нивното влијание врз животната средина. Оваа двослојна наративна структура ве поканува во подлабоко искуство: да го разгледате уникатното патување на секој артефакт, но и да размислите за улогата што секој од нас ја игра во обликувањето на културната меморија и наследство.
Изложбата не завршува со гледање, туку со учество: ќе биде затворена со работилница за уметност од отпад, каде сите заинтересирани ќе имаат можност и самите да создаваат артефакти на сегашноста, продолжувајќи ја приказната.
На отворањето на изложбата ќе присуствува специјален гостин – Катерина Илијовска @cate.rin од Yes for Less @yesforlessmk – првата македонска платформа за одржливо живеење, а ќе бидат изложени и фотографии од документирање на процесот на создавање од објективот на Нина Величковска, @n_in_neverland
Изложбата ќе биде поставена до 08 мај.
Пишете порака за пријава на завршната работилница.
На 17 април 2026 година (петок), со почеток во 20 часот, во Културниот центар Јадро, ќе се одржи промоција на најновото документарно видео на БужАр: Тетратките за снимањата на Оркестарот на народни инструменти на Радио Телевизија Скопје, 1972–1985. Во документарното видео преку искажувањето на Тихомир Весковски, долгогодишен член на овој оркестар, ќе биде реконструирано делувањето на овој ансамбл – стожер на негувањето на македонскиот фолклорен идиом во подрачјето на песните и ората. Поводот за снимањето на ова документарно видео се двете тетратки од музичката продукција на МРТ во кои детално се опишуваат снимањата на над 3100 песни и ора во периодот од 1972 до 1985 година. Тетратките беа дигитализирани и пренесени во база на податоци од музикологот Милена Наумовска, која е исто така учесник во видеото и која зборува за резултатите од статистичката обработка на податоците. Видеото содржи богат архивски материјал на фотографии и песни и ора исполнети од бројни истакнати пејачи и Оркестарот на народни инструменти. Аудиото и фотографиите потекнуваат од дигитализираните материјали од архивот БужАр и личната архива на Тихомир Весковски. Сценариото, камерата и монтажата за ова видео се на Димитрије Бужаровски, и тоа ќе биде поставено на јутјуб каналот на БужАр на 17 април во плејлистата за документарни видеа за слободно гледање.
Ако знаев дека уредник (плус арт директор 😁) ќе значи толку убава и креативна соработка со Хана Корнети и Марија Трајаноска многу порано ќе се пријавев за улогата 😊
Со гооолемо задоволство ја претставувам нашата прва сликовница „Каде оди реката?”.
Голема благодарност до Билјана Црвенковска за искрената соработка и до Чудна шума што ја вдоми сликовницата во новата едиција Еко шума. Нема да заборавам да ги споменам и Koma - design studio кои држеа око на припремата и техничката реализација. И на крај, не треба ни да напоменам дека целата наша работа беше поддржана - и уште поважно - инспирирана од заложбите на Еко-свест за подобра животна средина.
Еве некои фотки од промоцијата во просториите на нашиот долгогодишен соработник КСП Центар -Јадро.
Сликовницата можете дa ја најдете во Чудна шума и во книжарниците низ Македонија.
—————————————————————
If I had known that being an editor (plus art director 😁) would mean such a beautiful and creative collaboration with Hana Korneti and Marija Trajanoska, I would have applied for the role much earlier 😊
With great pleasure, I present our first picture book, Where Does the River Go.
Many thanks to Biljana Crvenkovska for the sincere collaboration, and to Chudna Shuma for giving the book a home in their new “Eco Forest” edition. I must also mention Koma Design Studio, who kept a close eye on the preparation and technical execution. And finally, it goes without saying that all our work was supported—and even more importantly, inspired—by the efforts of Eko-svest for a better environment.
Here are some photos from the promotion held at the premises of our long-time collaborator, SCS Center-Jadro.
You can find the picture book at Chudna Shuma and in bookstores across Macedonia.